previous arrow
next arrow
Slider

Национален парк - Галичица

Националниот парк Галичица се наоѓа на истоимената планина која припаѓа на Шарско-Пиндскиот планински систем. За национален парк е прогласен македонскиот дел од планината во 1958 година поради особените природни убавини и исклучително богатата и ендемична флора и фауна.

Паркот е сместен помеѓу Охридското и Преспанското Езеро и има меридијански правец на протегање. Зафаќа површина од 227 км2.

Основната геолошка подлога на Галичица во најголемиот дел се палеозојски метаморфни силикати покриени со слој од масивни варовници дебели од 500-550 м, со сунѓереста структура и голема порозност.

Масивот има развиен релјеф со големи и длабоки долови и широко планинско било кое во јужниот дел на Галичица е со височина поголема од 2000 м. Таквиот релјеф и близината на двете езера овозможува посетителот за цело време да има извонредно долги и убави визури.

На Галичица владее блага умерено континетална клима, која е под влијание на големото количество вода од двете езера и топлите субмедитерански влијанија кои продираат преку релативно ниските планински превои во Албанија.

Повеќе

Покрај особените природни убавини и естетски вредности за Галичица е карактеристично тоа што претставува простор со еколошка интеграција од повисок ред и со се уште добро сочувана природна растителност во некои екосистеми.

Растителниот свет во Националиот парк Галичица е претставен со преку 800 видови , од кои голем број реликти и ендеми, чија крајна граница на распространување е токму планината Галичица. За одбележување е присуството на 11 досега откриени локални ендеми кои можат да се сретнат исклучиво на падините на Галичица, што претставува јасен доказ за специфичниот флористички состав на оваа планина. Треба да се истакне дека во моментов интензивно се вршат проучувања врз флората во националиот парк и постојат индиции дека бројот на ендеми е уште поголем.

Фауната на Галичица е исто така богата и разновидна. Точен податок за бројот на видовите на без’рбетници нема. ‘Рбетниците се претставени со 170 видови од кои 10 водоземци, 18 влекачи, 124 птици и 18 цицачи.

Затвори

Флора:

Растителниот свет во паркот е исклучително богат и единствен. Во НПГ досега се евидентирани преку илјада растителни видови, од кој 176 од дрвенестата флора што претставува 58,4% од македонските автохтони дрвни видови. Од посебно значење за заштитата е присуството на голем број  реликти за кои Галичица во минатото често претставувала место каде наоѓале засолниште пред налетот на ледените периоди. Од нив најзначајни се оние кои потекнуваат од плиоценот и успеале да ги преживеат четирите ледени периоди на плеистоценот. Такви се Morina persica, Stipa mayeri, Ramonda nathaliae и Phelipaea boissieri и други.

Истотака посебен интерес за заштитата се големиот број ендемски видови. На Галичица се присутни неколку типа на ендеми:

  1. a) балкански чии број е толку голем што нивното набројување би значело набројување на поголемиот дел од видовите кои се среќаваат на Галичица
  2. b) jужнобалкански чии број е многу голем, а посебно внимание заслужуваат следниве видови: Ajuga piskoi, Erodium guicciardii, Oxytropis purpurea, Astragalus baldaccii, Poa galicicae, Lilium heldreichii, Arabis bryoides и многу други
  3. c) локални кои можат да се сретнат само на падините на Галичица и никаде на друго место. Нивниот број во моментов е 14, но според сегашните индиции и интензитетот на проучување на флората во националниот парк нивниот број во иднина ќе се наголемува. Локалните ендеми се: Centaurea soskae, Crocus cvijici, Laserpitium ochridanum, Astragalus mayeri, Helichrysum zivojinii, Nepeta ernesti-mayeri, Alyssum galicicae, Thymus ciliatopubescens, Thymus skopjansis, Geranium cinereum, ssp. subcaulescens var. rupestris, Echinops bannaticus ssp. Prespaensis, Centaurea galicicae, Dianthus galicicae и Sempervivum galicicum.

Од не помало значење се и голем број на ретки растенија кои ги има и на друго место меѓутоа ретко се среќаваат или нивното присуство на Галичица е неочекувано. Интересен е примерот на Celtis glabra кој природно расте на планината Кафказ но истотака го среќаваме и на островот Голем Град во Преспанското Езеро кој е оделечен од Кафказ неколку илјади километри.

Податоците за состојбата и распространувањето на популациите на растителните видови во НПГ во најмала рака се недоволни и фрагментарни. Посебно загрижува недостатокот на податоци за состојбата на популациите на видовите со мал опсег на распространување (пр. голем дел ендемските и реликтните видови).

Фауна:

За разлика од флората фауната во националниот парк многу малку е проучувана. Ова особено се однесува на безрбетниците чии број е сигурно многу голем и кој е карактеристичен за оваа планина која со своите особености условува појава на висок биодиверзитет. За разлика од безрбетниците, рбетниците се евидентирани и делумно проучени. Во националниот парк застапени се 171 вид на рбетници без риби , од кои 10 водоземци, 18 влекачи, 124 птици и 19 цицачи.

За одбележување е присуството на дивата коза, рисот и мечката  од цицачите  кои се реткост во останатите делови на Европа и големиот и малиот корморан и пеликанот од птиците кои природно го населуваат Преспанското Езеро и островот Голем Град.

Заради  врската со Охридското Езеро пообемни проучувања се направени во водениот екосистем на извориштето кај манастирот Св. Наум и констатирано е присуство на некои ретки видови во него.

Во моментот не постојат целосни податоци за состојбата и големината на популациите на позначајните животински видови во НПГ, но генерално може да се каже дека истите се во добра состојбата. Исклучок е популацијата на Балканскиот рис кој по пауза од 20 години повторно е забележан на просторот, но неговата бројност е далеку под биолошкиот капацитет на просторот. Исто така, за повеќе видови птици постојат индикации дека нивните популации значително се намалени во однос на предходниот период. Ова особено се однесува на грабливите птици и мршојадците и истото се деложи на драстично намалениот сточен фонд на просторот.

Култура:

Во паркот  има бројни споменици со големо историско и уметничко значење кои се една од силните причините за посета на паркот. Како составен дел на географскиот простор, културното наследство е слика за времето во кое e создавано. Спомениците на културата во паркот, покрај бројноста се карактеризираат и со голема разновидност па затоа се делат на неколку групи: археолошки локалитети, цркви, манастири, пештерни цркви и  споменици.

Еден од  спомениците во паркот, кој по своето значење спаѓа меѓу позначајните  од ваков вид не само во рамките на паркот и во регионот туку и пошироко, а истовремено е строго заштитените подрачја, е островот Голем Град.

Од групата цркви, манастири, пештерски цркви, на територијата на паркот регистрирани се следиве споменици: од спомениците од византиски стил со живопис од европско значење е црквата “Св. Богородица Заумска“  од 1361. На црквата се извршени конзерваторски интервенции и е во добра состојба достапна за посетители. Во с.Велестово, црквата “Св.Богородица“ која  е од XV век.Од пештерските цркви под заштита се ставени: Црквата “Св.Богородица“ во с.Пештани  од XIV век, Црквата “Св.Богородица“ во автокампот Градиште, Црквата “Св.Стефан”  која потекнува од средината на IX век која е со конзервиран живопис.

Од пештерските цркви кои сеуште не се ставени под заштита се: Црквата “Св.Петар и Павле“ на Преспанско Езеро, во близина на границата на Република Македонија со Република Албанија, Црквата “Св.Петка“, помеѓу с.Стење и  с.Коњско лоцирана на карпите на брегот на Преспанското Езеро, Црквата “Св.Илија“ близу с.Трпејца која е од XIV век .

  • Локација:

    На околу 10 км од градскиот плоштад на Охрид

  • Надморска висина:

    1566 м

Воздушно видео

360 Фото

Мени
Welcome!
This is specific platform inside the Nature.mk platform, called web shop. Here where interested citizens and stakeholders have the opportunity use this platform to buy and sell characteristic products and souvenirs from specificic PA in our country (such as entrance fees, souvenirs, specific products from the particular protected area).
Добредојдовте!
Тука е предвидена специјална веб продавница во рамки на Националниот Атлас на заштитени подрачја-nature.mk, каде сите заинтересирани страни (жители во рамки на заштитените подрачја, национални паркови итн.) имаат можност да ги понудат (продаваат/купуваат) своите карактеристични продукти од нивните заштитени подрачја (како влезници, сувенири, специфични производи за одреденото заштитени подрачје).