На југозападниот дел на Република Северна Македонија Преспанската котлина на запад и Пелагониската на исток е сместена планината Баба, со највисокиот врв Пелистер – 2.601 метри.
Легендата за настанувањето на името на Баба Планина е запишана од диовчанецот Сотир Петревски („Автобиографија“ во машинопис.) Преданието вели дека некогаш живеела некоја баба која имала кози, па кога изминал месецот март, бабата ги истерала козите да пасат во планината, велејќи: „Циц кози на планина, прднете марту на брадина“. Март, навреден од бабата, позајмил од април три дена. Во тие три дена наврнало толку многу снег и фатил голем студ, што бабата и козите замрзнале и оттогаш планината ја завикале Баба.
Повеќе
Планината Баба, често меѓу народот се нарекува и Пелистер (старомакедонски: Пелистера· – гулаб), иако тоа е само името на нејзиниот највисок врв. Според површината која ја зафаќа (436 км2) таа е тринаесетта најголема, а според височината (Пелистер, 2.601 м) трета највисока планина во Република Македонија.
Националниот парк „Пелистер“ се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 17.150 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно богатство во Македонија, но со ревидирање тој е повторно прогласен за национален парк, а неговата територија е зголемена за околу 6.500 ха со Закон во декември 2007 година. Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од стени со различен состав.
НП Пелистер, се наоѓа меѓу Пелагонија на исток и Преспанската Котлина на запад. Овој парк, всушност, претставува хорст помеѓу овие две котлини, поточно помеѓу Битолското Поле на исток и Ресенското Поле и Преспанското Езеро на запад. Северната граница на Баба планина пак, е превалецот Ѓавато (1.169 м), кој ја одвојува од планината Бигла, како и малата Цапарска Котлина. На југ, НП Пелистер продолжува во Грција се до превалецот Бигла (1.505 м), кој ја одвојува планината Баба од Нередската Планина (Вич, 2.125 м), лоцирана во Грција. Преку нејзиниот јужен дел, односно преку врвот ‘Ржана (2.334 м), се протега западниот дел на македонско-грчката граница. Приближно 65% од планинскиот масив на Баба се наоѓаат на територијата на Република С. Македонија, додека 35% на територијата на Грција. Баба има правец на протегање од север кон југ, а исто така, се карактеризира со симетричен изглед, бидејќи планинското било е подеднакво оддалечено и од Преспанската Котлина и од Пелагонија. По својата тектонска положба и составот на карпите Баба и припаѓа на геотектонската целина Западномакедонска зона. Масивот на Баба е најјужниот дел на Родопскиот планински систем со алпски карактер. Планинското било е голо, извиено, нерасчленето и има должина од 25 км.
Испресечена е со повеќе надолжни, како и попречни раседи, кои формирале повеќе блокови на неа. Главната тектонска дислокација се протега на источната страна, на која се наоѓаат и минерални извори. На североисток, оваа дислокација се спојува со длабински расед, кој претставува граница помеѓу западниот дел од Р.С.Македонија и Пелагониската зона. Расед со меридијански правец на протегање поминува покрај западниот раб и ја одвојува од Преспанската котлина. На северната страна се наоѓа севернопелистерскиот расед. НП Пелистер и Баба како планина е поделена на повеќе гребени. Главниот гребен започнува на север со врвот Вртешка, а на југ завршува на територијата на Грција. Овој гребен ги разделува Јадранскиот и Егејскиот речен слив. На исток и запад од главниот гребен се раздвојуваат повеќе споредни гребени, кои се издвоени меѓусебно со речни долини. Од врвовите Пелистер, Козји Камен и Широка, издвоените гребени стрмно се спуштаат кон север до малата Цапарска Котлина. На исток, има постепено спуштање на гребените на Неолица и Дебели Рид кон долината на Драгор и Братиндолска Река. На запад, пак, поважни гребени се Марушица, ‘Ржана и Порта, кои стрмно се спуштаат во долината на Брајчинска Река.
Релјефот е разновиден. На височина од 1.660 до 1.900 м се наоѓаат зарамнети делови, расчленети со повеќе паралелни долини. Камените реки се карактеристичен рејлефен облик на Пелистер и тие се протегаат на висичониа од 1.300 до 2.000 м. Тие се најизразени на северната страна на возвишението Црвена Стена и над месноста Копанки. Од флувијалните релјефни облици застапени се плавините. Понатаму, постои појас од плавини на северното, источното и западното подножје. На нив се наоѓаат повеќе села: Драгош, Велушина, Бистрица, Буково, Лавци, Трново, Магарево, Кажани, Крани итн.
Исто така, застапени се и глацијални релјефни форми, кои потекнуваат од плеистоценот, кога на високите делови на Баба се наоѓале глечери. Од глацијалните форми, застапени се циркови и морени. Циркови има на надморска височина над 2000 м, а два од нив се исполнети со вода – Големото и Малото Езеро, кои од народот се наречени Пелистерски Очи. Големото Езеро се наоѓа на 2218 м н.в., со должина 233 м, широчина 162 м и длабочина 14.5 м. Малото Езеро се наоѓа на 2180 м н.в. и е со размери – 79 м должина, 68 м широчина и 2.6 м длабочина. Нивните басени се преградени со морени. Други карактеристични релјефни облици на Баба се камените мориња и слизнатите блокови.
Постојат 24 врвови повисоки од 2000 метри. Најзначајни врвови се:
Пелистер (2.601 м)
Илинден (2.542 м)
Стив (2.468 м)
Ветерница (2.420 м)
Муза (2.351 м)
‘Ржана/Бојаџиев Врв (2.334 м)
Широка (2.218 м)
Грива (2.193 м)
Козји Камен (2.182 м)
Висока Чука (2.182 м)
Бела Вода (2.156 м) (во Грција)
Скрково (2.140 м)
Вртешка (2.010 м)
Бабин Заб (1.850 м)
Од некои од овие врвови се гледа огромна површина – Солунска Глава на север, Пелагонија и Кајмакчалан на исток, на југ и југозапад погледот допира до грчко-албанските предели, а на запад до Преспанското Езеро, Галичица и Јабланица.
Затвори