Вевчанските извори се наоѓаат на 900 м н.м. Во 1997 година се прогласени за споменик на природата. Од центарот на Вевчани до самиот локалитет, патот е асфалтиран и има околу 550 метри, а се стигнува за околу 7 минути со пешачење. Подрачјето околу изворите се одликува со доста богата биолошка разновидност и се едни од најпосетените места во земјата.
Повеќе
За време на вечерните и ноќните часови, изворите можат да се посетат, бидејќи се насекаде осветлени, поставени се и подводни рефлектори со што водата добива посебна убавина. Изобилството на вода и пештерата од која таа извира е посебна атракција за привлекување на домашни и странски туристи, на самото место има маси со клупи за одморање, изграден е видиковец, а се наоѓаат и три помали цркви кои секогаш се отворени за посета. Локалитетот во изворот поседува инфо-табли од кои туристите можат да се информираат за биолошката разновидност во локалитетот.
Локалитетот во внатрешноста е составен од 7 помали извори кои се соединуваат и го сочинуваат текот на Вевчанска река.
Водата до изворот доаѓа од подземна патека долга 100 метри, а нејзината висинска разлика изнесува 10 метри. Од изворот, според повеќегодишните мерења е утврдено дека просечно во една секунда истекуваат 1500 литри вода кои дел преку водоводот на Вевчани, служат за вода за пиење, а друг дел за наводнување. Ова богатство од вода најголемо е во пролетните месеци па се до јуни-јули месец, создавајќи една прекрасна слика за врутокот и за убавината на изворот. За вевчанци водата и изворите имаат своевидна духовна вредност. Тука се оддржуваат повеќе верски и свечени обреди, како и поетски читања како дел од програмата на интернационалната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Од 18 декември 2007 е започната пионерска активност во земјата , реализацијата на Зелената агенда во општина Вевчани. Започнато е анкетирање на граѓаните на општината кое е извршено од страна на претставници на локалните НВО кои се дел од Зелената Агенда. Испитување на јавното мислење се вршело за утврдување на вредностите на општина Вевчани и известување на населението за начинот на нивно вклучување во процесот на спроведување на Зелената агенда. Жителите на општина Вевчани се изјасниле дека Вевчанските Извори претставуваат највисока вредност на општината.
Климата на подрачјето на Вевчанските извори е умерено континентална, модифицирана со посебна клима на локално подрачје, а во повисоките предели е застапена планинска клима. Средногодишната просечна температура изнесува околу 10°C. Најстудени месеци се Јануари и Февруари, а најтопли Јули и Август со просечна температура од околу 21°C. Средногодишната количина на врнежи изнесува околу 1000 mm, со најголемо количество на врнежи во зимските, а најмало во летните месеци. Релативната влажност на воздухот, изнесува 70-74%, а ветровите се
делат на постојани (северниот – дува по долината на Црн Дрим во зимските месеци, а во лето носи свежина), јужниот ветер (дува од езерото кон копното) и локални (оној кој дува од правец на планината по месноста ,,Долга‘‘ и ,,Средни рид‘‘). Вевчани се наоѓа во oхридско- струшкиот регион (2.355 сончеви часови), кој, пак, се одликува со долготраен сончев сјај. Меѓутоа, со оглед на географската положба што ја има Вевчани, сончевиот сјај има нешто помала вредност.
Овие извори претставуваат едни од поретките псеудопериотски сифонски врела во нашата држава и како такви претставуваат виден споменик на природата.
Поради тоа и покрај своите амбиентални вредности претставуваат природно место за одмор и рекреација. Покрај овој богат извор постојат и други планински извори како и фосилен остаток на леднички цирк во кого постои мала езерска водена површина (локва). Населбата со вода за пиење се снабдува од изворот на реката и од планинските извори кои по природен пат доаѓаат до неа. Овие води создаваат можност за посебна атрактивност на амбиентот во населбата.
Затвори