previous arrow
next arrow
Slider

Вевчански извори

Споменикот на природата „Вевчански извори“ се наоѓа на источните падини на планината Јабланица, на запад од населеното место Вевчани. Главно го зафаќа горното (планинско) сливно подрачје на Вевчанска Река над самото населено место Вевчани, до месноста Вевчанска Голина, во повисокиот дел на Јабланица. Најголемата должина на областа во правец запад-исток изнесува точно 5 km, додека во правец север-југ таа е 4,5 km. Во однос на надморската височина, најниската точка е коритото на Дупни Дол над Вевчани (885 m), а највисока е Ќушков Врв (2078 m). Со оглед на положбата и височината, целата област има планински карактер, односно е дел од планината Јабланица. Во дефинираните граници, Споменикот на природата Вевчански Извори, зафаќа површина од 13,75 км2 или 6,2% од површината на планината Јабланица (232,65 km2) .

Од центарот на Вевчани до самиот локалитет, патот е асфалтиран и има околу 550 метри, а се стигнува за околу 7 минути со пешачење. Вевчанските извори се одликуваат со доста богата биолошка разновидност и се едни од најпосетените места во С. Македонија.

Локалитетот Вевчански Извори за прв пат е прогласен за заштитено подрачје, со Одлука за прогласување на локалитетот Вевчански Извори за Споменик на природата од страна на Советот на Општина Вевчани од 29.11.1999 година.

Прогласувањето на овој објект на природата за заштитено подрачје е извршено согласно Законот за заштита на природните реткости (“Сл. весник на СРМ” бр. 41/73), кој повеќе не е во сила.

Со донесувањето на Законот за заштита на природата („Сл. Весник на РМ“ бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15 и

63/16), Министерството за животна средина и просторно планирање има обврска

да изврши ревалоризација на заштитените подрачја, заштитени пред денот на отпочнувањето на примената на овој закон и да изготви нови акти за прогласување во согласност со одредбите на овој закон.

Категоријата Споменик на природата за заштитено подрачје се прогласува со закон. Со прогласувањето на заштитеното подрачје, односно природната реткост, истото стекнува статус на природно наследство.

По спроведената постапка за повторно прогласување на Споменикот на природата Вевчански Извори од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата („Сл. Весник на РМ“ бр. 39/12), според кој локалитетот Вевчански Извори заради заштита на хидролошките, хидро геолошките, биолошките и другите научни вредности се прогласува за Споменик на природата.

Со Споменикот на природата Вевчански Извори управува општината Вевчани, а во име на општината Вевчани управува градоначалникот на општината Вевчани.

Повеќе

Дел од ова заштитено подрачје се и шумските екосистеми кои се протегаат по источните падини на планината Јабланица се до државната граница со Република Албанија и претставуваат посебна природна реткост создадена како резултат на посебните геолошки, хидролошки, биоеколошки и други природни фактори. По горната граница на локалитетот се простираат високопланински пасишта испресечени со карактеристични гребени, долини, вртачи, ували и други геоморфолошки форми.

Непосредно под високопланинските пасишта, се јавува природна субалпска букова шума составена од карактеристични и ретки флористички елементи. Под овој појас се надоврзува горската и подгорската букова шума.

Во буковиот шумски појас се јавуваат поединечно и во мали групи иглолисни видови дрвја, особено елата и балканскиот ендемит и терциерен реликт – моликата.

Во најдолниот дел на шумскиот појас се застапени дабовите шуми, а посебна реткост и специфичност преставува појасот на питомиот костен, кој му дава посебен белег на ова подрачје. Ваков шумски појас од костенови шуми претставува посебно природно богаство, бидејќи во Република Македонија и пошироко на Балканот, ретко се застапени вакви квалитетни и компактно изградени костенови шуми, кои формираат посебен височински појас, богат со ретки и значајни флористички елементи.

Шумските екосистеми имаат значајна улога во заштитата на Вевчанските Извори и Вевчанската Локва како природно богаство со посебна функција. Благодарение на нив, Вевчанските Извори и Вевчанската Локва имаат вода преку целата година, па дури и во годините со минимални количини на врнежи, издашноста на овие природни извори е релативно голема што овозможува константно поволна хидролошка состојба преку целата година.

Според класификацијата и критериумите на IUCN и Законот за заштита на природата, локалитетот Вевчански Извори е прогласен во III категорија – Споменик на природа со Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата.

 

Категоријата споменик на природата е дел од природата со една или повеќе природни карактеристики и специфични, загрозени или ретки обележја, својства или форми и има посебна научна, културна, воспитно-образовна, духовна, естетска или туристичка вредност и функција.

Зонирањето на Споменикот на природата Вевчански Извори, предложено во овој План за управување e направено врз основа на истражувањата и препораките на тимот на експерти кои беа инволвирани во овој процес.

При предлог – зонирањето на Споменикот на Природата, примарен критериум е заштитата на биолошката и геолошката разновидност, со посебен акцент врз еколошката структура и подршка на природните процеси, како и подршка на компатибилниот економски развој, главно преку развој на туризмот и рекреацијата како и одржливото користење на природните ресурси кои ќе дадат придонес за локалната економија и локалните заедници.

Согласно Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата и врз основа на валоризирањето на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански Извори утврдено е дека постојат можности за воспоставување на три зони и заштитен (бафер) појас:

 

  1. Зона на строга заштита;
  2. Зона на одржливо користење;
  3. Зона на активно управување;
  4. Зашитен (бафер) појас.

Затвори

  • Локација:

    Вевчани, Општина Вевчани , Република С.Македонија

  • Координати:

  • Висина:

    900 – 950 м

  • Површина:

    1370 ха (мин.. – 1000 m ; макс. – 2078 м)

[instalink id=”3″]

Слика 1 Карта на предлог зони во СП Вевчански Извори

Според опишаните предлог зони определени се вкупната површина на секоја зона прикажани во хектари (ha) и процентуално. Во следната табела се прикажани површинте кои ги зафаќаат трите зони на заштита.

 

Зони на заштита % ha
Зона за стога заштита 14,2 194,5
Зона за активно управување 13,7 187,7
Зона за одржливо користење 71,7 977,9
Заштитен појас 0,2 3,3
Вкупно 100,0 1363,5

 

Границата на Споменикот на природата Вевчански извори започнува јужно од населеното место Вевчани од местото викано Тумба и оттаму по права линија се искачува кон запад до кота 1235 m, каде што скршнува во југозападен правец до кота 1.457 m, од каде што продолжува во југозападен правец следејќи ја изохипсата од 1.400 m, за потоа да се спушти по асфалтниот пат јужно од селото Горна Белица до кота 1.293 m. Оттаму, по земјениот пат во правец северозапад границата се искачува до кота 1.839 m и понатаму во иста насока се искачува до изохипса 2.000 m, следејќи ја истата во лак во северен правец преку долот Скала за оттаму да продолжи по истата изохипса меѓу Вевчанска Локва и Криви Вирој до кота 1.983 m. Од овде границата продолжува да се искачува во северен правец преку планинскиот отсек, до кота 2.078 m, а потоа скршнува кон исток, спуштајќи се до месноста Бјков Лаж, продолжува по изохипса 1.600 m, преку месноста Голема Ливада, спуштајќи се потоа до земјениот пат, од каде што скршнува во јужен правец, прво правејќи лак по патот, па кон југ, околу Вевчани, по изохипса 1.000 m сé до местото викано Тумба

За време на вечерните и ноќните часови, изворите можат да се посетат бидејќи се насекаде осветлени, поставени се и подводни рефлектори со што водата добива посебна убавина. Изобилството на вода, и пештерата од која таа извира е посебна атракција за привлекување на домашни и странски туристи, на самото место има маси со клупи за одморање, изграден е видиковец, а се наоѓаат и три помали цркви кои секогаш се отворени за посета. Локалитетот во изворот поседува инфо-табли од кои туристите можат да се информираат за биолошката разновидност во локалитетот.

Во структурен поглед, Споменикот на природата „Вевчански Извори“се протега на источната страна од централниот (Вевчански) сегмент на планината Јабланица. Овој сегмент или тектонски блок, од северниот (Радучки) и јужниот (Белички) блок е одвоен со две јасно изразени неотектонски раседни структури кои се протегаат во правец северозапад-југоисток. На север, тоа е раседната линија долж која е предиспонирана долината на реката Јабланица, додека на југ е раседна линија долж која се протега долината на Беличка Река. На исток пак, централниот блок со крупна меридијанска дислокација (Лабунишки расед) е јасно одвоен од Охридско-струшкиот грабен (депресија).

Геолошкиот состав на овој блок го чинат главно цврсти карпи, отпорни на ерозија (плочести варовници, доломити и јурски конгломерати во највисоките делови). Тоа, заедно со тектониката, условило централниот блок на Јабланица да биде највисок и најдоминантен од трите порано споменати. Поради тектонската положба, разликите во геолошката градба и во височината во однос на ниското Струшко Поле (како дел од Охридскиот грабен), централниот блок има стрмни источни страни. Споменикот на природата „Вевчански Извори“ги опфаќа токму тие источни падини, во горното сливно подрачје на Вевчанска Река (во овој дел позната како Матица). Заради геолошки условените висински разлики, долината на оваа река и нејзините притоки се длабоко всечени во централниот блок. Помеѓу долините се неколку гребени главно со правец запад-исток и десетина покарактеристични планински врвови. Највисок во рамките на споменикот на природата е Ќушков Врв со 2078 m, кој се наоѓа на гребенот помеѓу Вевчанска Голина и Подгоречка Голина. Гребенот, како и споменатиот врв се остри, каменливи и дооформени под влијание на плеистоцената глацијална ерозија. Помаркантни врвови се уште и Скала со 1952 m, Илков Врв (1723 m), Јанков Врв (1708 m), Писаник (1457 m) и др.

Повеќе

Помеѓу неколку врвови има плитки планински седла. Такво е седлото кај помеѓу Ќушков Врв (2078 m) и Плоча (1723 m) високо 1666 m, потоа седлото над с. Горна Белица високо 1437 m (каде минува патот од н.м. Вевчани) и др. На овој релативно мал простор, нема длабоки и типични превои.

Споменикот на природата „Вевчански Извори“ се протега на планински терен со значителна висинска разлика: најниската точка е во долината на Дупни Дол на само 885 m, а највисоката е Ќушков Врв (2078 m). Тоа значи дека вкупната разлика во височината изнесува 1193 m, односно на мало растојание

од само 5 km, теренот се менува од низок на исток, преку средно висок до високопланински на запад. Просечната височина исто така е голема и изнесува 1482 m, што е далеку над просечната височина на планината Јабланица како целина од 1314 m (Milevski, 2011). Релативно големите наклони условуваат висок ерозивен потенцијал на врнежите и речните текови во областа. Сега тој потенцијал не доаѓа до израз поради добрата пошуменост на теренот, но доколку се намали или деградира шумската покривка, може да се случат силни ерозивни хазарди и ризици. Покрај тоа,  заради  значителните  наклони,  постои  голем потенцијал  за  појава  нa  свлечишта,  особено  во  делот  на  теренот  изграден  од  песочници,  глинци  и флувио-глацијален нанос.Затоа потребна е внимателност при преземање на било какви градежни или други активности со кои ќе се намали, деградира или уништи природната вегетација, или пак со кои уште повеќе ќе се зголеми наклонот (засеци на патишта, поткопување на земјиштето и сл.).Доминацијата на големи наклони, претставува отежнувачки фактор за изградба на стази, патеки и другa сообраќајно-туристичка инфраструктура, но затоа пак по успешната и соодветна изградба, се зголемува севкупната привлечност и атрактивност на просторот.

Локалитетот во внатрешноста е составен од 7 помали извори кои се соединуваат и го сочинуваат текот   на Вевчанска река, помеѓу локалците позната и како Матица.

Водата до изворот доаѓа од подземна патека долга 100 метри, а нејзината висинска разлика изнесува 10 метри. Од изворот, според повеќегодишните мерења е утврдено дека  просечно во една секунда истекуваат 1500 литри   вода кои дел преку  водовод служат за вода за пиење, а друг  дел за наводнување. Ова богатство од вода најголемо е во пролетните месеци па се до јуни-јули месец, создавајќи  една прекрасна слика  за врутокот и за убавината на изворот. За вевчанци водата и изворите имаат своевидна духовна вредност.

Тука се оддржуваат повеќе верски и свечени обреди, како и поетски читања како дел од програмата на интернационалната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Од 18 декември 2007 е започната пионерска активност во РМ, реализацијата на Зелената агенда во општина Вевчани. Започнато е анкетирање на граѓаните на општината кое е извршено од страна на претставници на локалните НВО кои се дел од Зелената Агенда. Испитување на јавното мислење се вршело за утврдување на вредностите на општина Вевчани и известување на населението за начинот на нивно вклучување во процесот на спроведување на Зелената агенда.  Жителите на општина Вевчани се изјасниле дека Вевчанските Извори претставуваат највисока вредност на општината. Климата на подрачјето на Вевчанските извори е умерено континентална, модифицирана со посебна клима на локално подрачје, а во повисоките предели е застапена планинска клима. Средногодишната просечна температура изнесува околу 10°C. Најстудени месеци се Јануари и Февруари, а најтопли Јули и Август со просечна температура од околу 21°C. Средногодишната количина на врнежи изнесува околу 1000 mm, со најголемо количество на врнежи во зимските, а најмало во летните месеци. Релативната влажност на воздухот, пак, изнесува 70-74%, а ветровите се делат на постојани (северниот (дува по долината на Црн Дрим во зимските месеци, а во лето носи свежина) и јужниот ветер (кој дува од езерото кон копното)) и локални (оној кој дува од правец на планината по месноста ,,Долга‘‘ и ,,Средни рид‘‘). Вевчани се наоѓа во Охридско- струшкиот регион (2.355 часови), кој, пак, се одликува со долготраен сончев сјај. Меѓутоа, со оглед на географската положба што ја има Вевчани, сончевиот сјај има нешто помала вредност на сончевиот сјај изразена во часови.Овие извори претставуваат едни од поретките псеудопериотски сифонски врела во нашата држава и како такви претставуваат виден споменик на природата.

Поради тоа и покрај своите амбиентални вредности претставуваат природно место за одмор и рекреација. Покрај овој богат извор постојат и други планински извори како и фосилен остаток на леднички цирк во кого постои мала езерска водена површина (локва). Населбата со вода за пиење се снабдува од изворот на реката и од планинските извори кои по природен пат доаѓаат до неа. Овие води создаваат можност за посебна атрактивност на амбиентот во населбата.

Затвори

Флора и фауна во Вевчанските извори

Разновидноста на инвертебратите во Споменикот на природа Вевчански Извори е истражувано од повеќе аспекти. Hristovski et al. (2010) ја обработиле фауната на тркачите (Coleoptera, Carabidae) на планината Јабланица, а во тој склоп е опфатено и подрачјето „Вевчански Извори“.

Фауната на тркачите на планината Јабланица брои 121 вид (Hristovski et al. 2010; Hristovski 2014). Од нив на подрачјето на СП Вевчански Извори се среќаваат вкупно 71 вид. Овој број ја покажува високата разновидност на тркачите во подрачјето, но и високата разновидност на живеалишта и нивната зачуваност, разновидноста на микро климатските услови и интересната геолошка историја на планината Јабланица (особено во врска со глацијацијата).

Неколку видови може да се сметаат за глацијални реликти. Такви се некои хидрофилна видови кои се среќаваат покрај реките и потоците или покрај снежните остатоци во тек на пролетниот и летниот период. Такви се Nebria jockischi и веројатно Bembidion rhodopense, Pterostichus ottomanus, Bembidion balcanicum, Nebria macedonica rambouseki итн.

Подрачјето на СП Вевчански Извори се карактеризира со присуство на голем број ендемични видови (35%). Балканските ендемити учествуваат со 24%, стеноендемитите со 7%, а локалните ендемити со 4% или три видови (Слика 16). Локалните ендемите т.е. видови распространети само на Јабланица се: Nebria macedonica rambouseki, Тapinopterus miridita jablanicensis и Tapinopterus rambousekianus. Најголем дел од ендемичните видови се среќаваат во природните и добро зачувани шумски екосистеми: Carabus neumeyeri, Carabus violaceus dryas, Carabus neumeyeri, Cychrus semigranosus montenegrinus, Licinus oertzeni albanicus, Molops rufipes steindachneri, Myas chalybaeus, Nebria (Nebria) kratteri valonensis, Tapinopterus miridita jablanicensis, Tapinopterus rambousekianus, итн. Покрај реките и потоците живеат некои значајни видови како што се: Asaphidion nebulosum balcanicum, Bembidion rhodopense, Bembidion hypocrita illyricum, Nebria jockischi jockischii. Во планинската зона, по камењарите и снежните остатоци живеат голем дел од ендемичните и другите значајни видови: Bembidion balcanicum, Bembidion bipunctatum nivale, Bembidion caucasicum, Calathus albanicus, Nebria macedonica rambouseki, Synuchidius ganglbaueri, Tapinopterus miridita jablanicensis, Tapinopterus rambousekianus, Zabrus albanicus jablanicensis. Исто така, големо значење за разновидноста на тркачите имаат ливадите и шумските чистини каде се среќаваат: Amara spp., Ophonus spp., Calathus ravasinii macedonicus, Carabus coriaceus excavatus.

Единствени од тркачите со конзервациско значење се Carabus intricatus и Carabus convexus dilatatus кои се среќаваат во шумските, главно букови екосистеми. Carabus intricatus е близу засегнат заради намалувањето на добро зачувани шуми. Затоа, неговата заштита може да се обезбеди преку зачувување на стари шуми.

Од останатите инсекти, за шумските екосистеми на Јабланица треба да се наспоменат некои конзервациски значајни видови, особено ксилофагни видови. Ваквите инсекти се сметаат за добри индикатори на зачуваноста на шумите и нивната функционалност од аспект на обезбедување висока биолошка разновидност. Такви видови кои се среќаваат во дабовите и буковите шуми на СП Вевчански Извори се Rosalia alpina, Morimus funereus ganglbaueri, Cerambyx scopolii, Cerambyx cerdo, Lucanus cervus, Platycerus caraboides.

Според досегашните литературните податоци видовиот состав на Водоземците на планината Јабланица е недоволно истражен.

Според теренските истраги, како и според достапните литературни податоци (Штерјовски и др. (2010)) на планината Јабланица и подрачјето околу Вевчанските извори, регистрирани се 11 видови на водоземци: : Lissotriton vulgaris (Обичен тритон), Ichthyosaura alpestris (Алпски тритон), Salamadra salamandra (Огнен саламандер), Bombina variegata (Огнена жаба), Pseudepidalea viridis (Зелена крастава жаба), Bufo bufo (Обична крастава жаба), Hyla arborea (Гаталинка), Rana dalmatina (Поточна жаба), Rana graeca (Грчка жаба), Pelophylax ridibundus (Езерска жаба) and Rana temporaria (ливадска жаба).

Валоризацијата на детектираните видови на подрачјето на Вевчанските извори  на водоземците е спроведена според меѓународните конвенции и легислативи, кои ги вклучуваат:

  • Конвенцијата за заштита на Европските диви видови и природни хабитати (Бернска конвенција),
  • Европската директива за живеалишта (EU habitats directive),
  • Емералд мрежата
  • Конвенцијата за интернационална трговија со загрозени видови (CITES).
  • IUCN црвена листа на видови.

 

Според досегашните литературните податоци видовиот состав на водоземците на планината Јабланица е недоволно истражен.

 

Според теренските истраги, како и според достапните литературни податоци (Штерјовски и др. (2010) на Планината Јабланица идентификувани се 20 видови на влекачи: Eurotestudo hermanni (Херманиева желка), Testudo graeca (Грчка желка), Emys orbicularis (Блатна желка), Algyroides nigropunctatus (Лушпест гуштер), Podarcis muralis (Ѕиден гуштер), Podarcis erhardii (Македонски гуштер), Podarcis tauricus (Степски гуштер), Lacerta trilineata (Балкански зелен гуштер), Lacerta viridis (Зелен гуштер), Lacerta agilis (Планински гуштер), Anguis fragilis (Слепок), Platyceps najadum (Џитка), Zamenis longissimus (Ескулапов смок), Elaphe quatuorlineata (Ждрепка), Coronella austriaca (Медена змија), Dolichophis caspius (жолт смок), Natrix tessellata (Рибарка), Natrix natrix (Белоушка), Vipera ammodytes (Поскок) и Vipera berus (Шарка).

Објавените податоци за видовите на птиците на територијата на Споменикот на природата Вевчански Извори се многу ретки и најчесто не се  прецизни. Овие податоци во некои случаи се однесуваат на конкретен вид, додека во други случаи податоците се однесуваат на поширокиот регион. Според теренските анализи како и Студијата за валоризација на Планината Јабланица подготвена од страна на Македонското еколошко друштво на планината Јабланица вклучувајќи го и Споменикот на природата Вевчански извори, регистрирани се вкупно 86 вида на птици . А како најзначајни се истакнуваат : Pernis apivorus, Circaetus gallicus,  Accipiter gentilis,Accipiter nisus, Buteo buteo, Aquila chrysaetos ,Falco tinnunculus, Falco peregrinus, Alectoris graeca, Coturnix coturnix,Tringa ochropus, Columba livia, Columba palumbus, Streptopelia decaocto, Streptopelia turtur итн.

Од спроведента валоризација на идентификуваните видови на птици, утврдено е дека:

 

  • 11 видови се наоѓаат на Анекс I, 2 вида на Анекс II/A и 12 видови на Анекс II/B од Директивата за птици (2009/147/EC)
  • 64 видови  се  наведени  во  Анекс  II,  а  15  видови  во  Анекс  III  од

Конвенцијата за заштита на Европските диви видови и природни хабитати (Бернска конвенција),

  • Сите идентификувани видови се оценети како најмалку загрозени според

Црвената листа на IUCN;

  • 26 од идентификуваните видови на птици се наведени во Анекс II од Директивата за заштита на миграторните диви видови (Бонска конвенција)

 

Врз основа на податоците добиени од спроведените теренски активности утврдено е дека:

–         48 видови птици се гнездат во дабовите шуми, а  еден вид доаѓа во дабовите шуми во потрага по храна;

–         30 видови птици се гнездат во буковите шуми;

–         во појасот на високо-планински пасишта гнездат 19 видови на птици, а истиот во потрага по храна го посетуваат 4 видови.

–         во населените места гнездат 22 вида птици и 10 видови кои овде се прехрануваат.

 

Врз основа на фактот дека територијата на заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански Извори е интегрален дел од планината Јабланица, како и фактот дека во границите на заштитеното подрачје влегуваат сите типови на хабитати кои се среќаваат на планината Јабланица, по однос на видовиот состав на цицачите во рамките на заштитеното подрачје не се очекуваат разлики во истите. Се среќаваат 40 вида од класата на цицачите што e 49% од вкупната фауна на цицачите во Република  С. Македонија.

Во студијата за валоризација на Планината Јабланица се детектирани следните видови од класата на цицачите:

 

1. Erinaceus concolor Еж
2. Sorex minutus Мала ровчица
3. Sorex araneus Шумска ровчица
4. Neomys anomalus Водна ровчица
5. Neomys fodiens Голема водна ровчица
6. Talpa caeca Обичен крт
7. Talpa stankovici Реликтен крт
8. Rhinolophus ferrumequinum Голем потковичар
9. Rhinolophus hipposideros Мал потковичар
10. Rhinolopus euryale Јужен потковичар
11. Rhinolopus blasii Блазиев потковичар
12. Myotis myotis Голем ноќник
13. Myotis blythiи Оструошест ноќник
14. Myotis mystacinus Мустаќест ноќник
15. Pipistrellus savii Савиев лилјак
16. Miniopterus schreibersi Долгокрилест лилјак
17. Lepus europaeus Див зајак
18. Sciurus vulgaris Верверица
19. Clethrionomys glareolus Шумска полјанка
20. Dinaromis bogdanovi Балканска снежна полјанка
21. Microtus subterraneus Четинарска полјанка
22. Apodemus flavicollis Жолтогрлест глушец
23. Apodemus sylvaticus Шумски глушец
24. Nannospalax leucodon Слепо куче
25. Myoxus glis Обичен полв
26. Muscardinus avellanarius Полв лешникар
27. Dryomis nitedula Шумски полв
28. Canis lupus Волк
29. Vulpes vulpes Лисица
30. Ursus arctos Мечка
31. Mustela nivalis Невестулка
32. Mustela putorius Твор
33. Martes martes Куна златка
34. Martes foina Куна белка
35. Meles meles Јазовец
36. Felis silvestris Дива мачка
37. Lynx lynx Рис
38. Sus scrofa Дива свиња
39. Capreolus capreolus Срна
40. Rupicapra rupicapra balcanica Дивокоза

 

Врз основа на податоците добиени од спроведените теренски активности утврдено е дека од вкупно 47 видови цицачи присутни во заштитеното подрачје:

  • 12 видови се наведени во Анекс II а 19 видови во Анекс III на Конвенцијата за заштита на Европските диви видови и природни живеалишта (Бернска конвенција),
  • 2 вида се наведени во Анекс I и 5 видови во Анекс II на Директива за

заштита на миграторните диви видови (Бонска конвенција)

  • 11 видови се наведени и во Анекс II и во Анекс IV, дополнително 4 видови се наведени само во Анекс IV и 2 вида се наведени во Анекс V од Европската директива за живеалишта (EU habitats directive),
  • Според Црвената листа на IUCN од идентификуваните видови 1 вид е

наведен како ранлив (Dinaromis bogdanovi), три видови се наведени како речиси засегнати (Rhinolopus euryale, Myotis mystacinus, Miniopterus schreibersi) и 35 видови се наведени како најмалку загрозени.

Шумите во Споменик на природата Вевчански извори имаат посебно значење

Нивната распространетост на поголем дел од подрачјето како и нивното високо еколошко значење во вкупниот природен амбиент му дава посебен карактеристичен белег на подрачјето, кое заедно со другите хидролошки, геолошки, биолошки и други вредности преставува предел со посебни природни карактеристики. Шумските комплекси покрај другите имаат и многу важна улога во заштитата на Вевчанските извори и Вевчанската локва, кои преставуваат природни реткости со посебна убавина, функција и значење. Одржувањето на природноста и виталноста на шумските екосистеми во голема мера допринесува и за зачувување на поволната хидролошка состојба, која се одликува со голема издашност на изворите во текот на целата година. Поради тоа     потребно  е  да  се  применуваат  соодветни  начини  и  практики  на управување со шумските ресурси, кои ќе допринесат на зачувување на нивните природни вредности, како и исполнување и на другите социоекономски функции на шумите, без притоа да се нарушува природниот амбиент и вредност на целиот шумски екосистем.

Планинскиот масив Јабланица но кој се наоѓа Споменикот на природата “Вевчански Извори“, се одликува со значителен шумски диверзитет кој допринесува за тоа да оваа планина преставува едно од важните растителни подрачја во Македонија. На планината Јабланица застапени се поголем број на видови дрвја но сепак доминираат буката и дабот горун. Најголем дел од шумите се составени од широколисни (листопадни) видови дрвја, а помал дел од иглолисни (зимзелени) видови дрвја. На ваквиот состав влијание имале природните услови на подрачјето, вкупните историски прилики и активностите на човекот. Денешната состојба со иглолисните видови во голема мера е резултат на активностите за пошумување и интродукција на иглолисни видови дрвја кои се спроведувани од шумското стопанство „Јабланица” од Струга.

На планината Јабланица се среќаваат чисти и мешани шуми. Чистите се составени со доминантно учество (над 90% од вкупниот број дрвја) од еден вид дрво, најчесто бука или даб горун, додека мешаните се составени со различно учество од два или три вида, најчесто горун, бел габер и плоскач.

Во рамките на заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански Извори најголем дел од површините се под шумска растителност при што доминираат листопадните шуми. Најголем дел од нив се под бука, но се среќаваат и дабови и костенови шуми. Буковите шуми главно се од генеративно потекло, што укажува на тоа дека тие во најголем дел добро се сочувани и покрај тоа што во нив се спроведувани одредени стопански активности. Дабовите шуми се среќаваат по пониските и источните делови од подрачјето, како и на помали површини во одредени присојни енклави. Во однос на квалитетот и зачуваноста тие се доста послаби од буковите шуми, а само на одредени мали површини може да се сретнат и добро сочувани дабови состоини. Шумите од питом костен имаат посебно значење бидејќи питомиот костен преставува ценет шумски и овошен вид на дрво. Месното население има посебен однос спрема овој вид дрво и во голема мера ги користи неговите плодови. Сепак значителен дел од овие шуми се зафатени и со болеста рак по кората на питомиот костен поради што има сушење на постарите дрвја. Со цел спречување на сушењето на овие шуми на одредени делови вршени се чисти сечи поради што обновата е од вегетативно потекло и создадени се т.н. изданкови шуми од питом костен.

Иглолисните шуми во подрачјето се создадени по вештачки пат преку пошумување на ерозивни и обесшумени шумски површини. Најголем дел од нив се од: црн и бел бор, но се среќаваат и други видови. Во вевчанските шуми, единечно или во групи се среќаваат и поголем броја на други видови дрвја, како што се: дива цреша, планински јавор, црн јасен, сорбус, габер и други.

На дел од површините се среќава и силно деградирана нискостеблеста вегетација, која е настаната со уништување на дел од дабовите и буковите шумски заедници, а на западните делови од подрачјето во регионот на Горна Белица се среќава субалпска букова шума.

 

И покрај утврдените вредности, заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански Извори е изложено на бројни закани кои може да ја намалат неговата вредност. Дел од заканите се веќе постоечки. Меѓу заканите, особено се издвојуваат:

  • Изградба на        градежни      објекти           и          конструкции во        границите     на заштитеното подрачје,
  • Изградба на асфалтни, макадамски и земјени патишта низ локалитетот,
  • Сечење на шумски видови
  • Криволов,
  • Изградба на канали, доводи, одводи низ, од или кон заштитеното подрачје,
  • Формирање на (диви) депонии и фрлање на отпад во или покрај локалитетот,
  • Антропогено-предизвикана претерана ерозија на локалитетот, со која забрзано се уништуваат биодиверзитетот, гео-вредностите и сл. (преку користење на природни материјали (камен и песко), пожари, уништување на природната вегетација, претерано движење на луѓе и добиток, користење на тешки возила, изградба на објекти и др.),
  • Пожари, преку кои може да се уништат шумските и тревестите заедници , гео-вредности и сл.
  • Закани кои произлегуваат директно или индиректно од климатските промени (засилена ерозија, напукнување и дробење на гранитоидните карпи, промена на локалните климатски елементи и др.).
  • Изградба или подигање на несоодветно димензионирани и лошо пејсажно вклопени туристички објекти на локалитетот (видиковци, места за одмор, големи инфо-табли, патеки, угостителски и сместувачки објекти, жичарници, зип-линии, мото-крос патеки и др.), особено доколку се без експертски надзор и проценка од аспект на геодиверзитет,
  • Несоодветна или претерана посета и престој на локалитетот, особено доколку е надвор од обележани стази и места,
  • Вештачки акумулации и хидро електрани
  • Климатски промени

Значајна алатката со чија помош се оценуваат заканите врз заштитените подрачја и биодиверзитетот во меѓународни рамки е алатката на Светска Банка (World  Bank)  и  Светскиот  фонд  за  дива  флора  и  фауна  (World  Wildlife Fund‐WWF).

Алатката за следење содржи група на прашања, кои се креирани така да бидат лесно одговорени од страна на оние кои управуваат  со заштитените подрачја, без да бидат потребни дополнителни истражувања. Како закани со големо влијание се рангирани заканите кои сериозно ги нарушуваат природните вредностите на заштитеното подрачје; со средно влијание се заканите, кои имаат одредено негативно влијание, додека со мало влијание се закани кои се присутни, но немаат сериозно влијание врз природните вредностите на заштитеното подрачје или заканата не е присутна или не е применлива за заштитеното подрачје.

Воздушно видео

360 Фото

Галерија

Мени
Welcome!
This is specific platform inside the Nature.mk platform, called web shop. Here where interested citizens and stakeholders have the opportunity use this platform to buy and sell characteristic products and souvenirs from specificic PA in our country (such as entrance fees, souvenirs, specific products from the particular protected area).
Добредојдовте!
Тука е предвидена специјална веб продавница во рамки на Националниот Атлас на заштитени подрачја-nature.mk, каде сите заинтересирани страни (жители во рамки на заштитените подрачја, национални паркови итн.) имаат можност да ги понудат (продаваат/купуваат) своите карактеристични продукти од нивните заштитени подрачја (како влезници, сувенири, специфични производи за одреденото заштитени подрачје).